Во интерес на вистината сакам најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП Пелистер и за било каква соработка со Меѓународниот сојуз и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета, реагираше вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, откако Боки 13 денеска истакна дека имал поддршка од Заев, од Царовска и од Спасовски.

– Истовремено ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала, ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки – истакна Царовска.

Јовановски, пак, рече дека проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни всушност се реални, со договори потпишани и донесени на собрание на невладината „Меѓународен сојуз“ и проекти прераснати во платформи.

– Поддршка имав и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс премиерот Зоран Заев. Ние всушност функцииниравме како министерство за социјала, згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Бизнисменот Амзовски доколку не се сретнеше со Александар Кирацовски немаше да го прифати проектот – рече Јовановски и додаде дека Мила Царовска ја донела авторката на проектот, Лилјана Тодоровска кај него.