Борбата против структурите на движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен во странство ќе продолжи да биде една од примарните точки на агендата на Турција. Досега се екстрадирани над 120 припадници на оваа организација од повеќе 20 земји во Турција, изјави денеска на прес-конференцијата Амбасадорот на Турција во Скопје Хасан Мехмет Секизќок, организирана по повод турскиот празник 15 јули – Денот на триумфот на демократијата и националното единство.

– Со одлучност ќе ги продолжиме дејностите против структурите на ФЕТО (кратенка од Фетулистичка терористичка организација, назив со кој Турција го именува движењето на Ѓулен – н.з.) во странство. Од надлежните на земјата очекуваме конкретни напори во насока на искориенување на постоењето на ФЕТО во Македонија. Впрочем постои заедничко разбирање помеѓу Турција и Македонија во насока на зајакнување на борбата протов тероризмот. Од особено значење е преку мерките кои ќе се преземат да се запрат дејствијата на структурите на ФЕТО и лицата поврзани со ФЕТО во Македонија кои дејствуваат заткслриени под превезот на образовни институции, компании, здруженија и медиуми, рече турскиот амбасадор.

Тој информира дека до денес делумно или целосно се запрени активностите на училишта или курсеви за јазици поврзани со движењето на Ѓулен во 38 земји. Во 20-тина од овие земји улилиштата се пренесени на Турската фондација МААРИФ, која има отворено нови училишта во вкупно 22 земји, вклучувајќи ја и Македонија.

На новинарско прашање до каде е екстрадицијата на 16 лица кои се бараат од властите во Турција, тој рече дека засега се уште нема некаков конкретен чекор во врска со тоа.

На 15 јули 2016 година во Турција беше извршен обид за државен удар. Турските власти обвинуваат дека зад обидот за пуч стојат Ѓулен и припадници на неговото движење инфилтрирани во Вооружените сили на Турција. При обидот за пуч загинаа 251 лице, а над 2.000 беа ранети.


Администратор
13/07/2020 19:35