Штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе копа нов бунар на локалитетот „Штипско езеро“ за да нема рестрикции во текот на летните месеци. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Живко Тасев, изјави дека се одлучиле на овој чекор бидејќи бележат голема потрошувачка на водата за пиење.

Во текот на викендот од филтер-станицата максималниот излез на вода за пиење до граѓаните достигнува и над 300 литри во секунда, додека во текот на работните денови максималната потрошувачка достигнува до 280 литри во секунда. Екипи на ЈП „Исар“ почнаа да ги предупредуваат граѓаните да не ја трошат водата за полевање на своите градини и разладување на дворовите.

– Наша екипа во раните утрински часови, но и во попладневните, ги посетува населбите, каде што ако се забележи голема потрошувачка ги предупредуваат граѓаните. Оваа активност ја почнавме од вчера. Апелирам граѓаните да не ја трошат водата за дворовите или градините, со цел да се обезбеди вода и за повисоките зони на градот, рече Тасев.

Засега не планираат рестрикции на водата за пиење, а со новиот бунар ќе можат да го снабдат градот со вода за пиење и во повисоките зони.


Администратор
02/07/2020 14:50