Трајчевски појасни зошто на БЕСА не и се дозволи да има право на платено политичко рекламирање. – Ниту Агенцијата и забранила на БЕСА, ниту директорот, ниту Советот. Тоа го оневозможува Изборниот законик, каде јасно пишува дека право на платено политичко рекламирање имаат само потврдените кандидати од ДИК. Ако ја отворите веб-страница на ДИК, потврдена кандидатска листа на БЕСА нема, туку има само кандидатска листа на коалицијата „Можеме“, рече Трајчевски, додавајќи дека последните денови имале силен политички притисок.

Тој праша зошто ако упатството е незаконско, како што тврдеше Дамјан Манчевски, владата во Уредбата не ѝ додели време на Беса.

-Туку, со сериозен политички притисок последните 4-5 дена, еден ден Беса, другиот ден СДСМ, едниот ден Заев, другиот ден портпаролката на СДСМ, третиот ден Дамјан Манчевски, вршеа огромен притисок, сакаа Агенцијата да подлегне на таквите притисоци и да донесе незаконско упатство. Синоќа имаа можност, доколку тоа е незаконско, тоа да го поправат. И тука се гледа лицемерието кое последните неколку дена преку силен политички притисок и делот од медиумите кои се под нивна контрола, интернет порталите на СДСМ, да се принудат членовите на советот да ги променат одлуките, потенцираше Трајчевски.

Посочи дека сите одлуки што го донел Советот во однос на платено политичко рекламирање за изборите во 2019 и во 2020 година се донесени едногласно. Тоа, според него, укажува дека Советот и Агенцијата имаат ист став и не го менуваат.

Директорот на АВМУ соопшти дека во последните неколку изборни циклуси имало минорни прекршувања од медиумите. Нагласи дека кај медиумите има огромна свест дека треба да известуваат подеднакво за сите учесници во изборниот процес и да го почитуваат стопроцентно законот.


Администратор
24/06/2020 01:21