Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде отворена прва самостојна изложба на Душан Стефановски, насловена „Потиснат потенцијал“.

Според рецензентката Ангела Витановска, насловот на изложбата неслучајно е „Потиснат потенцијал“, а Стефановски преку своите колоритни дела упатува токму на потиснатиот потенцијал на овие уметнички форми и практики.

– Интенцијата е да укаже на можноста за алтернатива во галерискиот простор, но истовремено и обратно, да ја доближи урбаната стрит-арт сцена до едно институционално рамниште, наведува Витановска, историчар на уметноста.

Душан Стефановски (1996) е визуелен уметник од Скопје. Оваа година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (отсек графика), а претходно завршил ликовно образование во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Од 2011 година е дел од графити-сцената во Скопје.

– Неговата уметност е апстрактна лична експресија, која е создадена со материјали што се типично користени за графити-уметност, што се додава на уникатноста на неговиот веќе уникатен визуелен јазик, соопшти МКЦ по повод отворањето на изложбата на Стефановски, додавајќи дека мерките за претпазливост се строго почитувани.


Администратор
03/06/2020 14:45