Пандемијата и карантинот ги променија потрошувачките навики на Грците, па така еден од двајца веќе купува онлајн, наспроти еден од петмина во 2019 година, според истражувањето на Институтот за малопродажба на стоки за широка потрошувачка и Центарот за истражување на електронска трговија на атинскиот економски факултет, јави дописничката на МИА од Атина.

-Резултатите покажуваат значително зголемување на употребата на електронска трговија на потрошувачите поради коронавирусот, што во голема мерка ќе продолжи и по кризата, соопштуваат од грчкиот институт.

Во споредба со декември 2019 година, минатиот месец за 30 отсто се зголемило купувањето преку интернет, за 20 проценти биле поголеми нарачките на храна, а за 11 отсто повеќе се користеле онлајн можностите на супермаркетите.

На прашањето доколку утре заврши кризата со Ковид-19, 36 отсто од анкетираните рекле дека веднаш ќе престанат да купуваат онлајн производи од супермаркет, а 43 проценти одговориле дека тоа ќе го сторат до крајот на годината или подоцна.

Во истражувањето на Институтот за малопродажба на стоки за широка потрошувачка и Центарот за истражување на електронска трговија на атинскиот економски факултет биле вклучени 1.050 лица во периодот март – мај 2020 година.


Администратор
02/06/2020 16:38