Во Бутел денеска на површина од околу 720 метри квадратни е отворено инклузивно игралиште чии реквизити се достапни и може да ги употребуваат и деца со попреченост. Станува збор за инвестиција вредна околу 3,9 милиони денари од страна на Град Скопје и партерно уредување од 1,5 милион денари што ги издвои Општината Бутел.

– Покажуваме дека соработката меѓу институциите и тоа како вродува со плод и јас ги храбрам и градоначалниците на останатите општини да влегуваме во вакви заеднички реализации на проекти кои се важни и кои значат дека секој во нашиот град е важен, изјави градоначалникот на Скопје на прес-конференцијата во дворот на ООУ „Живко Брајковски“ во Бутел.

Попатно, како што информира, денеска извршиле и увид во градежните работи на улицата „Александар Урдаревски“ или поранешна „Бутелска“.

– Со пуштањето на булеварот се создадоа услови за целосна и темелна реконструкција на таа улица со што полека ги заокружуваме како Град, инфраструктурните активности со цел да се подобри квалитетот на живеењето. Социјалната политика, политиката кон сите граѓани е на врвот на моите приоритети како градоначалник, што досега и тоа како добро го покажавме отворајќи ги сензорските соби во општина Центар, како и во Радишани, рече Шилегов.

Тој очекува ваквиот тип активности во Град Скопје да се интензивираат во наредниот период.


Администратор
02/06/2020 15:24