Од грчкиот систем за прием и програмата за домување во хотели и станови, од понеделник ќе треба постепено да заминат 11.237 лица – признати бегалци и лица кои немаат право на азил, а паралелно се прекинува и секаков вид на парична или друга помош, согласно законите од Министерството за миграција и азил на Грција, а за конкретната тема станало збор на денешниот состанок свикан од министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, јави дописничката на МИА од Атина.

Митаракис истакнал дека сите признати бегалци кои ја напуштаат програмата за домување се навремено информирани за конкретната одлука и објаснил дека според законот донесен во ноември, одредениот термин за заминување бил април, но поради пандемијата рокот бил продолжен до крајот на мај.

– Веќе нема време за дополнителни одложувања. Службите на нашето Министерство беа и се уште им се на располагање на сите инволвирани органи, со цел да се решат сите процедурални проблеми кои би можеле да се појават, рекол Митаракис.

Лица кои имаат право на меѓународна заштита од системот за прием, сега ќе треба да се интегрираат во општеството, а врз основа на законите и меѓународните обврски на Грција, тие имаат еднаков третман како и грчките граѓани.

За целиот процес на интеграција да тече непречено, предвидена е соработка на надлежните служби и органи.

Паралелно, со заминувањето на признатите бегалци од програмите за домување, ќе се ослободат места за сместување на барателите на азил кои што се наоѓаат на грчките острови.

На денешниот состанок свикан од министерот за миграција на азил на Грција, учествувале и генералните секретари на Министерството, шефот на Меѓународната организација за миграција во Грција, претставникот на УНХЦР во земјата, како и претставници на Европската комисија, на Министерството за внатрешни работи, на општина Атина и на Агенцијата за вработување и за социјална солидарност.


Администратор
30/05/2020 01:19