Уставниот суд на Косово синоќа донесе одлука со која му го призна правото на претседателот на државата Хашим Тачи да го додели мандатот за формирање нова влада на второрангираната партија на парламентарните избори, откако на владата предводена од лидерот на партијата победничка на изборите, Движењето самоопределување (ВВ), Собранието ѝ изгласа недоверба.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, со оваа одлука Уставниот суд го отфрли барањето на досега владејачката ВВ на премиерот во оставка Албин Курти да се прогласи за неуставна одлуката на Тачи за доделување на мандатот за формирање нова влада на кандидатот за премиер од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти.

Според одлуката на Уставниот суд, „успешното изгласување недоверба на една влада не води бездруго кон распуштање Собранието“, како што претендира партијата на Курти, која инсистира на формирање нова влада единствено по нови избори.

– Неуспехот во освојувањето на потребните гласови во Собранието или одбивањето на тој мандат, го пренесува правото за формирање Влада на политичка партија или коалиција која може да го има потребното мнозинство за формирање Влада, се вели во соопштението на Уставниот суд, во кое се нагласува дека одлуката е донесена едногласно од сите девет судии.

Откако пред два месеци, на 25 март, беше изгласана недоверба на Владата предводена од Курти, претседателот на државата му го додели мандатот за формирање нова влада на ЛДК, како второрангирана партија на октомвриските избори.

Тачи неколку пати го повика ВВ да предложи кадндидат за премиер, а откако партијата на Курти не одговори на неговите повици, на 30 април тој му го додели мандатот на Хоти. Утредента, на 1 мај, ВВ го оспори пред Уставниот суд правото на Тачи да го додели мандатот на било која друга партија, освен на онаа која победила на парламентарните избори.

Курти неколку пати последниве денови порача дека одлуката на Уставниот суд ќе ја почитува „единствено доколку таа е толкување на Уставот, а не негово допишување“.

По добивањето на мандатот од Тачи на 30 април, Хоти и ЛДК објавија дека, во соработка со неколку опозициски партии, како и со оние на српската и другите немнозински етнички заедници, ја обезбедиле потребната поддршка од мнозинството пратеници во Собранието на Косово за формирање на новата влада.


Администратор
29/05/2020 10:42