Општина Велес во соработка со ПАКОМАК вчера постави 15 контејнери за стакло во Градот и во Башино Село. Сега вкупниот број на контејнери во градот и некои од населените места како населбата Превалец, сeло Отовица и Горно Оризари заедно со Башино Село и кај рекреативното езеро „Младост“ изнесува вкупно 45.

Имено, во текот на 2019 година во општината биле собрани 27.861 килограми отпадно стакло од домаќинствата и 14.060 килограми отпадно стакло собрано од кафулињата и рестораните.

Како што информираат од Општина Велес, по две годишна успешна соработка, Управниот одбор на ПАКОМАК Скопје ја донел одлуката за поставување дополнителни 15 контејнери за отпадно стакло-амбалажа од шишиња и тегли и тоа на улиците: Благој Ѓорев (Социјални згради), Благој Ѓорев (СЕВДИН), Благој Ѓорев (згради Пододекор), Белградска, Васил Главинов, Христо Татарчев, Методија Андонов Ченто (Пешачки надвозник), Невена Ѓорѓиева Дуња, Петре Прличко, Димитар Влахов, Вардарска, Ганчо Хаџи Панзов, Луј Пастер, како и во .Башино Село.

– Собирањето на отпадно стакло е координирано од страна на ПАКОМАК Скопје. Во определен временски интервал садовите се празнат од страна на правно лице со кое ПАКОМАК има склучено договор. Документите за превземените количини од територијата на општината се предаваат во ЈКП Дервен, информираат од Општина Велес.

Oпштина Велес им се заблагодарува на граѓаните кои се повеќе го прифаќаат концептот за селекција на отпад од пакување, а воедно ги повикува да ги пронајдат и да ги користат садовите за отпадно стакло.

Воедно информираат дека отпадното стакло може да се селектира и складира и во жолтите канти на домаќинствата кои им се доделени од ЈКП „Дервен“.


Администратор
29/05/2020 02:47