Околу 80 угостителски објекти со близу 600 вработени во Прилеп ги отворија терасите и почнаа со работа. Од прилепското здружение на угостители велат дека се придржуваат на мерките и на протоколите, а граѓаните уверуваат дека знаат за нив. Тие со олеснување велат дека им недостасувало да се вратат во секојдневието пред пандемијата, но главно да се почитуваат мерките кои се за седење по двајца, а четворица ако се од исто семејство, најмалку растојание од еден и пол метар, без седење на барски стролици, редовна децинфекција, носење заштитни средства и редари да контролираат.

Јордан Момироски, претседател на угостителското здружение „Прилепска меанџии“, вели дека протоколите ги добиле сите угостители и очекуваат контрола на инспекциските служби. Уверува дека цените се исти.

-Почнавме денеска. Се придржуваме на протоколите за работа што ни ги доставија од Комисијата за заразни болести. Препораките се испратени до сите угостители што треба да преземат како да се однесуваат со гостите на терасите. Засега е добро, очекуваме да поминат и инспекциските служби да укажат деали некаде грешиме со дистанцата или пак со користењето заштитни и дезинфекциони средства. Се придржуваме до протоколот за работа. Сега-засега не верувам дека ќе се зголемуваат цените. Цените се исти во објектите, изјави Момироски.

Угостителите сакаат нова кампања, за, како што велат, да се врати културата на живеење.

– Ние сега настојуваме да се врати навиката кај граѓаните. Тоа ни е сега најголем проблем. Сакаме да се смени она „Остани дома“ со „Излези безбедно и уживај“ или некој друг слоган за да ја вратиме културата на живеењето и во државата и во нашиот град, истакна Момироски.

Загубите се големи од неработењето и допрва ќе се сумираат. Очекуваат да преминат во наредната фаза, да се работи во затворен објект со сите препораки за заштита. Најголемиот број од прилепските угостители аплицираа за користење на владините мерки и субвенционирање.

– Најголемиот број прилепски угостители аплицираа за владини субвенции. Мал процент вработени се отпуштени, зашто не ќе можеше да се користат владините мерки доколку има отпуштања. Очекуваме нови мерки како и полека да се врати сѐ во нормала. Апелирам до угостителите што повеќе да се придржуваме до мерките, да бидеме подисциплинирани за да стивне опасноста од заразата, нагласува претседателот на прилепското здружение на угостители „Прилепски меанџии“.


Администратор
29/05/2020 01:45