Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски имаше вклучување во вестите на телевизија Телма каде што посочи дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ пред се е здравјето на граѓаните, а потоа фер и демократски избори.
„Ги слушнав барањата на СДСМ, јас нема да дадам одговор во форма на тоа дали кафулињата и рестораните работеле и дека тој е критериум по кој што ние треба да го определуваме датумот. Мислам дека треба да бидеме над ситуацијата, да бидеме сериозни и да видиме дали навистина сме способни како држава да организираме фер и демократски избори. Кои што практично ќе им овозможат на сите учесници вистински да се претстават пред граѓаните, а притоа здравјето на граѓаните да не биде загрозено. А, притоа да не го броиме бројот на лицата кои што се инфицирани, да не ги броиме бројот на лицата кои што за жал ќе ги загубат своите животи, туку едноставно да може да се фокусираме на она кое што ние пред граѓаните ќе можеме да го презентираме“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека принципот на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе настапи на лидерската средба е прв и основен приоритет е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за било какви датуми кои што ќе овозможат фер и демократски презентирање на политичката платформа.