Со 33-те нови случаи (Скопје-11, Куманово-2, Штип-1, Прилеп-5, Тетово-2, Велес-9, Битола-2, Крива Паланка-1) со Ковид-19 во земјава, денеска имаме скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме наредните денови, за да видиме дали е случајност, некаква варијација или ќе биде некаков тренд.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа се резултати од само еден ден и не можат ништо да заклучат само од овие резултати од денеска, односно од изминатите 24 часа.

– Ако се сеќавате, во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број заболени, во еден момент имаше и над 100 новодијагностицирани. Во таа смисла во текот на утрешниот ден, во сабота, ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат тие. Засега остануваат на сила сите мерки и апелирам сите граѓани да продолжат доследно да ги почитуваат, потенцира Филипче.

Посочи дека со 33 нови случаи, вкупниот број дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.572, бројката на оздравени пациенти е 1.079, на починати е 89, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 404.