ЈСП-Скопје ја информирa јавноста дека одговорно, навремено и активно ги спроведува и презема сите неопходни, превентивни и заштитни мерки во борбата против ширење на Ковид-19, како би ги заштитило корисниците на јавниот превоз и своите вработени.

Сите возила вклучени во јавниот превоз секојдневно се подложни на дополнителна дезинфекција, а секојдневно се прават напори на вработените лица да им се обезбедат заштитини маски, ракавици и средства за дезинфекција. Согласно превентивните и заштитните мерки донесени од Владата на РМ, 179 лица се ослободени од работа, поради хронични заболувања, бременост, родители на деца до 10 години и слично. На сите лица кои влегуваат во автобазите (работните простоии) на ЈСП-Скопје им се мери телесната температура, а на сите вработени кои не се потребни во режим на намален интезитет на работа им се сугерира да ги користат старите годишни одмори. Дирекцијата има скратено работно време, воведено е ротационо работење, дел од билетарниците и центрите за персонализација се затворени или работат скратено, така да се превземени сите можни превентивни и заштитни мерки.

Во ЈСП-Скопје има едно лице позитивно на Ковид-19, кое навремено е хоспитализирано, а не било во контакт со колегите повеќе од две недели со оглед на примена на владината мерка за ослободување од работни обврски на хронично болни лица. Лицето не било вклучено во извршување на јавниот превоз, туку е дел од помошно-техничкиот персонал (паркирач) кое било во ограничен контакт со останатите вработени лица.

Пет лица вработени во ЈСП-Скопје, кои исто така се дел од помошно-техничкиот персонал, се во самоизолација, откако било пријавено дека имале контакт со лица кои претходно биле во непосреден контакт со лица вратени од патување од земја со среден или висок ризик.

ЈСП-Скопје како општествено одговорно претпријатие и натаму ќе се придржува и ќе ги презема препорачаните мерки во борбата за превенција од ширење на Ковид-19, а истовремено ги повикуваме корисниците на јавниот превоз да се придржуваат кон апелите за рационално користење на јавниот превоз и да се однесуваат согласно препорачаните мерки донесени од Влада на РМ.


Администратор
27/03/2020 14:44