Над 12.000 заштитни маски досега произведоа и поделија прилепските фирми кои неуморно ги изработуваат за заштита на медицинските лица, на вработените во институциите и во фирмите, а и за граѓаните. Истовремено се изработени околу 300 штитници со 3Д технологија и со принтери.

Штитниците пред неколку дена почнаа да ги изработуваат во прилепската фирма „Ипринт“, а им се придружија фирмите „Резонатор“ и „Графика дизајн“ за што побрза изработка на поголеми количества. Преку локалната самоуправа, на Фејсбук е отворен „3Д пункт“.

Штитниците, како што велат градските власти, прво ги добија во Градската болница, а добија и во Центарот за јавно здравје, во Здравствениот дом, матични лекари и стоматолози. Изработката продолжува со несмалено темпо, а почна да им се излегува во пресрет и на други општини.

Компанијата „Комфи Ангел“ почна со изработка на скафандери за потребите на вработените во јавните, пред сѐ, комунални претпријатија.


Администратор
27/03/2020 12:50