По одлуката на грчката Влада од понеделникот да го прекине авионското поврзување со Велика Британија и Турција, на аеродромите во Лондон и Истанбул заглавени се грчки државјани кои поради откажаните летови на можат да се вратат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, најголемиот број Грци се на лондонскиот аеродром „Станстед“, околу 200, од кои повеќето студенти, но има и околу 80 на останатите аеродроми во Англија, како и десетина во Истанбул.

Според весникот „Етнос“, Грците од Лондон требало да се вратат вчера, но неколку часа пред полетувањето биле известени дека летот е откажан.

– Околу 200 луѓе сме тука, без пари и со несигурна иднина. Меѓусебно си ја префрлаат вината. Од што се плаши грчката Влада? Нека не стават во карантин кога ќе се вратиме. Но, треба веднаш да се вратиме. Не можеме повеќе да седиме тука без пари и да спиеме на столчиња, вели за онлајн изданието на весникот „Етнос“ Гркинка која од Лондон која чека да се врати во Атина.

– Овде сме веќе еден ден и не знаеме кога ќе си одиме. Немаме пари ниту за вода. Срамота е ова што се случува. Не знаеме дали ќе останеме овде еден ден или една седмица, вели еден од Грците кој е заглавен во Англија.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, во интервју за грчката телевизија „ЕРТ“, вели дека станува збор за „криминална неодговорност на авиокомпанијата“, која знаела дека се забранети летовите уште од претходниот ден и додава дека ќе се започне процес за репатријација на граѓаните.

Од Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, во соопштението за целиот случај, потсетија дека од шест часот наутро на 23 март 2020 година, во сила е одлуката со која се забрануваат летови од и кон Велика Британија и истакнуваат дека одговорноста е целосно на авиокомпаниите што ги информирале граѓаните дека ќе можат да летаат во текот на вчерашниот ден.

Додаваат дека Министерството за надворешни работи на Грција во следните денови ќе ги собере барањата на грчките државјани, а Владата ќе го разгледа случајот.


Администратор
25/03/2020 22:02