Пет од 29-те нови регистрирани случаи позитивни на коронавирусот се лица поврзани со заболената поранешна директорка на Клиника за кожни болести. Тие се асимтоматски, без симптоми на заболување, но нивните тестови за коронавирусот се позитивни. Лицата биле и ќе останат во домашна изолација, и ќе бидат во контакт со лекари од Инфективната клиника.

Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, од вкупниот број лица поврзани со директорката, кои се во самоизолација, тестирани биле триесеттина, а позитивни биле само петте споменати. Во наредниот период, додаде министерот, ќе бидат тестирани и останатите лица.

-Од 29-те нови случаи пет се од Кожната клиника кои по 16 дена поминати во изолација се без никакви симтоми, но на направените контролни тестови, со оглед дека помина инкубацискиот период, тие имаат позитивен резултат. Лицата се во добра здравствена состојба, асимптоматски се, ќе останат во домашна самоизолација и согласно нивната состојба во интензивна комуникација со колегите од инфективната клиника, рече министерот за здравство.

Според него, добро е што дел од новодијагностираните случаи се откриваат во рана фаза, заради тоа што, како што рече, тоа значи дека здравствениот систем може да ја амортизаира бројката на пациенти. Апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи, како што потенцира, од сите искуства од другите земји и од студии може да се види дека, покрај епидемиолошките анкети тестирањето кога ќе помине инкубацискиот период, најдоброто што може да се направи е почитување на самоизолацијата и прекин на социјалните контакти.

Министерот Филипче најави дека викендов или кон почетокот на следната недела ќе биде објавена детална статистика што досега се случува со бројот на пациенти, јасно ќе бидат прикажани дијаграмите и бројките, но очекувањата со можен процент на грешка, согласно анализата на епидемиолозите.


Администратор
25/03/2020 17:31