Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на партиската конвенција за промоција на кандидатските листи во својот говор истакна дека лагите на власта се максимизираат пред почетокот на изборната кампања. Тој додаде и дека СДСМ и функционерите од таа партија користат единствено излитени флоскули и класични лаги.

- Кога ќе ги слушнам понудите што ги дава другата страна, како да се враќаме во една временска машина пред 4 години, кога ги ветуваа истите работи, истите фрази, истите сега веќе докажани лаги. Овој пат онаа лага за просечна плата од 500-тини евра се вика 600 евра просечна плата, измислиле некоја нова бројка на километри автопатишта кои ќе ги градат, далеку поголема од претходната при што во реалноста не изградија ниту еден автопат, ќе носеле инвестиции, градби, па дури и во заканите се исти како пред 4 години. Ќе рушеле одново сега споменици, ќе имало правда, ќе имало мир, ќе менувале судии и што уште не. Но морам да кажам, да порачам дека тие се завршена приказна.

Нашиот народ знае дека еднаш ако го излажеш, нема да чека тоа да се случи втор пат. Народот знае дека по ветените брда и долини на Заев следуваат уште поголеми разочарувања. Криминал, корупција, неспособност, убијци кои што се шетаат на слобода, судии и политичари со куферчиња Луј Витон, непотизам распространет како вирус. Ако Заев е лицето на оваа власт, вистинскиот репрезент на тоа што преставува Заев е Катица Јанева со се она што видовме.

Народот нема да им даде втора шанса, зошто народот препознава кога го лажеш, кога си играш со неговите чувства, кога градиш кариера врз туѓата несреќа. Кога стануваш премиер, а знаеш дека не ти е заслужено со тоа што можеш да направиш, туку со тоа што можеш да продадеш.