ВМРО-ДПМНЕ е таа надеж која ќе ги донесе промените, тој спој на луѓе и вредности кој ќе се спротивстави на оние кои донесоа разочарување, огромна неспособност во секое поле, криминал кој е не казнуван, раслојување и поделби, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на промоцијата на кандидатите за пратеници на коалицијата за обнова на Македонија. Додаде дека целта на опозицијата е да го порази СДСМ и да ја врати државата на вистинската патека.
- Две работи се сигурни за власта на Заев: неспособни се и криминални, и затоа Македонија оди во погрешен правец. Запрепастувачка е неспособноста со која се управува државата, неспособност која не турка кон дното, нефункционалност на системот кој крахира, неправди кои болат. Неспособност која фрла во апатија, неспособност во која гледаме како државата ни се одзема од рацете. А, не заборавајте Македонија почива на вредности, почива на пркоста на комитите, на храброста на партизаните и мудроста на асномците. На сите жртви дадени од овој народ за слободата и правдините.
Но борбата никогаш не престанува. Секоја генерација има своја битка, исто како и нашата, и ние денес имаме историска улога и одговорност да извојуваме победа која ќе донесе подобри времиња во Македонија.
Нашата победа е обновата. Обнова која ќе донесе повеќе за секого, повеќе правда, повеќе вредности, п принципи, работа, повеќе пари, повеќе здравје, повеќе среќа, ред, сигурност и насмевки на лицата на нашите граѓани и верба дека ќе успееме.
Македонија не смее да остане извалкана од печалбарите во политиката, туку мора да ја изградиме за да остане дом за идните генерации. Од политиката денес за жал граѓаните ја видоа само темната страна, со сите нејзини подлости, недостатоци, жолчност и иритирачка реалност. Но политиката пред се мора да биде доблест, прагма која решава проблеми, гради мостови, и создава иднина. Политика базирана на морален кодекс кој ќе биде примерот по кој мора да се раководи секој еден кој сака да работи за Македонија. И само така ќе одиме вистински напред. А, јас само така ја разбирам својата улога во политиката, истакна Мицкоски.