Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска беше дел од регионалната женска политичка академија во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Конрад Аденауер.
- Секое искуство е добредојдено, ова искуство за нас е многу значајно бидејќи на овој начин не само што учиме туку и нашите би рекол организатори на овој настан Фондацијата Конрад Аденауер и Дорис Пак можат да научат и нешто за нашиот менталитет, за нашиот сентимент, за она што сме ние. И секогаш е добро кога можете да се претставите во она светло кое што можеби луѓето немале можност претходно да ве гледаат. Затоа овие настани се исклучително значајни за сите нас, за сите вас кои што сте овде. Покрај тоа што учите, покрај тоа што учиме да имаме и можност да се претставиме во подобро светло пред луѓето кои што се денеска со нас, а не се од Македонија.
Она кое што мислам дека е важно да се истакне е фактот дека Конрад Аденауер Фондацијата практично долго време е заедно со ВМРО-ДПМНЕ вклучително и оној последен би рекол тим билдинг кој што го имавме минатиот викенд во Охрид и ја користам оваа прилика еве од мое лично име и од името на партијата повторно да се заблагодарам до Конрад Аденауер фондацијата. Навистина беше прекрасен викенд присутните можеа да научат некои нови техники на водење на кампања што е исклучително значајно за нас имајќи предвид дека за помалку од 35-37 дена од денеска ќе биде денот кога граѓаните на оваа држава ќе одлучуваат за иднината дали ќе останат заглавени во минатото, во криминалот, во корупцијата, понижувањето, омаловажувањата кои што за жал нашиот политички противник ги има во изобилие во начинот на водење на неговите политики. Или ќе се практично определат за обновата на земјата, за надежта, за квалитетот и честитоста која што ние ќе ја понудиме на следните парламентарни избори.
Така што изминатиот викенд навистина беше многу корисен за сите тие кои што беа таму присутни. И доста можевме да научиме за некои нови техники, нови пристапи посебно во делот на комуникацијата со гласачите, истакна Мицкоски.