Општина Штип заедно со јавното претпријатие „Исар“ го комплетираше најголемото барање на граѓаните од населбата Балканска, од денеска и последните домаќинствата во Балканска добиваат чиста и здрава вода за пиење од Филтер станицата. Во оваа населба има 250 куќи со 1.000 жители.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција истакна дека јавното претпријатие „Исар“ во изминатите неколку месеци работеше на приклучување на градскиот водовод со оваа населба. Забележа дека ова е голем чекор за локалната самоуправа, бидејќи после многу години и после многу ветувања од страна на претходната власт, денеска граѓаните се соочуваат со нова реалност, чиста и здрава вода за пиење.

-Во изминатите месеци работевме напорно за остварување на најголемото барање на жителите од оваа населба, направивме четири километри цевка која е приклучена на градскиот водовод и граѓаните конечно добија чиста и здрава вода за пиење, оваа инвестиција чини 360.000 евра, рече Бочварски.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Живко Тасев истакна дека екипите работеле напорно во овој дел од градот, а проектот продолжува со приклучување на градскиот водовод и за жителите во населбите Македонка и Чардаклија.


Администратор
27/02/2020 21:12