Локалната установа Народен музеј Велес денеска во Ликовниот салон ја отвoри изложбата „На маргините на скопскиот регион“ од авторот Дарко Николовски.

Како што појасни Елица Николова од Народниот музеј, промотор на изложбата, aвторот на изложбата Дарко Николовски низ фотографии- постери на сакрални објекти и руралната архитектура, ни го доловува богатото културно наследство-црквите и манастирите, народното градителство, првенствено експонирани во позначајните објекти.

Николова појасни тие објекти и покрај нарушената состојба сведочат за автентичноста и континуитетот на македонската градителска и зографска традиција.

– Овие значајни споменици, чувари на нашето историско и културно наследство, градени во еден исклучително тежок историски период во рамките на Отоманската империја, кога народот немал можности за слободно делување и творештво, не биле само религиозни центри, туки и центри за ширење на писменоста. Многу среќни, но и тажни моменти се одвивале во црквите, спомени на дел од нив се зачувани на натписите на фреските и иконите и на многубројните богослужбени книги и предмети кои опстојуваат се уште зафрлени по ковчезите и камарите в црквите. Секако не можеме да го занемариме и делот со рурална архитектура каде ѕидарот неимар си дал поголема слобода во искажувањата на својата умешност во градењето на овие објекти донекаде да опстојат и до денес, потенцира Николова.

Имено, авторот Дарко Николовски во 2015 во Велес ја презентира својата изложба на руинираните вредни цркви во велешко; Богомила и Бистрица,со осврт на други цркви во областа на Азот, како и црквите Св. Никола во Башино Село и Крајници.


Администратор
27/02/2020 21:10