Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски смета дека Рациновите средби кои се посветени на делото на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин, со долга и успешна традиција од 56 изданија, треба со право да бидат една од трите најважни културни манифестации во земјава, финансиски поддржани преку Годишната програма на Министерството за култура, а веднаш после Охридско лето и Струшките вечери на поезијата.

Тој на денешната прес-конференција појасни дека иако годинава за разлика од лани Општина Велес добила повеќе средства од Министерството за култура за Рациновите средби во висина од 380 илјади денари, тие според него сепак не се доволни за организирање на оваа значајна Меѓунардна поетска манифестација.

-Сите познавачи на литературата во земјава оценуваат дека нашата манифестација Рацинови средби треба да биде една од трите најважни културни манифестации во земјава, потенцира Коцевски.

Тој појасни дека добиени 380 илјади денари се повеќе од лани кога преку Клубот на писатели биле добиени 105 илјади денари, но се сепак премалку во споредба со некои други според него безначајни и малку вредни манифестации за културата во земјава, а од кои некои и новосоздадени.

– Но за тоа сепак треба да суди јавноста, потенцира Коцевски.

Тој информира дека Општина Велес не добила средства за организирање на годинашното издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ а кој сепак ќе се организира со средства од општинскиот буџет.

Воедно информира дека добиле и малку средства за Меѓународната скулпторска колонија, која треба да се организира по вторпат.

Коцевски појасни дека во договор со директорот на театарот, се одлучиле тие да конкурираат за Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ а за што театарот добил од Министерството за култура 700 илјади денари.

Воедно појасни дека тие 700 илјади денари заедно со уште 300 илјади кои ќе ги издвои Општина Велес од својот буџет, се сепак малку ,доколку се сака да се направи квалитетен фестивал со повеќе домашни и странски претстави.

Коцевски рече дека, брендот на организирање на ИФАД „Стоби“ кој го има Општина Велес како основач на фествалот, размислува дали да го задржи општината или во иднина да го преотстапи на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а без оглед на тоа што во иднина очекува и театарот да биде децентрализиран на општината.

-Доколку мислиме дека има потреба со измени на Програмата за култура и од буџетот ќе издвоиме дополнителни финансиски средства или ќе се обратиме кај некои од пријателите на театарската уметност да не подржат за да можеме успешно да го реализираме ИФАД Стоби во текот на оваа година, појасни Коцевски.

Инаку фестивалот ИФАД „Стоби“ лани не се одржа. Во 2018 година, на сцената на античкиот амфитатар во Стоби се одржа по 17 пат.


Администратор
20/02/2020 23:46