Општина Македонска Каменица денеска го потпиша договорот за Јавно-приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување.

Во врска со реализацијата на овој проект, градоначалничката Соња Стаменкова истакна дека со ова се остваруваат програмските определби на општината за енергетски ефикасна општина.

– Јавното осветлување за нас е и програмска определба, бидејки покрај тоа што имаме големи заштеди, кога би ги спомнале финансиските импликации од реализацијата на проектот, ќе имаме и поквалитетен живот. По имплементација на овој процес ќе може сите да видиме еден европски и светол град со кој може да се пофалиме, рече Стаменкова.

Потпишувањето на договорот, како што додаде Стаменкова, е поттик општината да продолжи и понатаму во таа насока, особено по донесување на новиот закон за енергетска ефикасност со кој според неа ќе се остварат и дел од заложбите на општината за имплементирање на целосно енергетски ефикасна општина.

Проектот е дел од регионалната програма за енергетска ефикасност во Република Северна Македонија, која ја поддржува енергетската ефикасност со фокус на јавниот сектор, преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за што е обезбедена финансиска поддршка од Инвестиционата рамка на Европската Унија за Западен Балкан.


Администратор
20/02/2020 13:54