Локалната самоуправа започнува со интензивно миење, чистење на сервисните улици во населбите во Карпош. Набавени се две нови цистерни за миење на улици, камионче за подигнување на отпад – кипер, рачен вшмукувач за лисја и ситен отпад, како и опрема за расчистување на снег.

На денешниот настан беше презентирана оваа механизација која е набавена со грант за успешност од Светска банка (преку Министерство за финансии), а во рамки на Проектот за подобрување на општински услуги.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев истакна дека локалната самоуправа значително ја зголеми механизацијата за одржување на јавната хигиена, имајќи предвид дека загадувањето е еден од најистакнатите проблеми.

- Сликата на редовно миење на сервисните улици повторно станува реалност. Прашината долж улиците е дел од севкупното загадување и на овој начин навистина ќе го подигнеме нивото на јавната хигиена. Овие години постојано инвестираме во механизација за комуналните служби, а не во луксузни возила за потребите на администрацијата, рече Богоев.

Цистерните ќе чистат во сите урбани заедници, долж сервисните улици, а рачниот вшмукувач на многу брз и едноставен начин ги подига лисјата и ситниот отпад.

Исто така, новото камионче (кипер) ќе помогне во расчистувањето на дивите депонии и при транспорт на отпадот.

Претходно, Општината набави и машини за перење под висок притисок (т.н. вапови), со кои се чистат јавните површини, платоата и плоштадите во Карпош.

Општина Карпош продолжува да вложува во заштита на животната средина и во овозможување на подобри услови за живот на сите граѓани.


Администратор
19/02/2020 15:32