Советот на Општина Центар вчера на вонредна седница го усвои Заклучокот со кој се одлучи дека по пат на јавен конкурс ќе се уреди локацијата позната како поранешна „Треска".

– За разлика од едно не толку минато време, кога тајно се носеа ДУП-ови во доцните вечерни часови, никнуваа градби и се поставуваа разни споменици на случајно одбрани локации, ова општинско раководство и овој состав на Советот транспарентно и отчетно, со присуство на целата јавност, ја усвои одлуката за распишување на јавен конкурс за урбанистичкото уредување на локацијата, позната како поранешна фабрика „Треска", соопшти Општината, додавајќи дека уште еднаш и општината и градоначалникот Саша Богдановиќ застанале на страната на жителите и јавноста.

Советниците на општината, со 12 гласа „за", изгласале дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2.

Од Општината информираат дека за зголемување на степенот на транспарентност пред јавноста, во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија за локацијата ќе биде вклучена целата стручна јавност – Архитектонскиот факултет, Асоцијација на Архитекти и Комора на архитекти.


Администратор
19/02/2020 13:39