Фудбалерите на Арсенал ја слават втората победа во 2020 година. Низата од три порази ја прекинаа попладнево на „Емирати“ со триумф над Њукасл со 4:0 и со новите три освоена бода се доближија до позициите на табелата кои водат во Европа за наредната натпреварувачка сезона. Но, воведните 45 минути не навестуваа таков крај во дуелот меѓу Арсенал и Њукасл. Голови немаше, па многумина на трибините се подготуваа во паузата за уште една претстава без хепиенд од нивните миленици. Меѓутоа продолжението предизвика „експлозија“ од воодушевување во гледалиштето. Обамејанг и Пепе во само три минути ги натераа гостите двапати да тргнат од центарот на теренот за убедливи 2:0 за Арсенал по 57 минути игра. Предноста беше удвоена во финишот со погодоците на Езил во 90’ и на Лакзает во петтата од судиското надополнување за конечни 4:0 на „Емирати“ во Лондон. Во првиот денешен дуел во Премиер лигата, Тотенхем со голот на Сон во самиата завршница, ја совлада Астон Вила со 3:2.


Администратор
16/02/2020 22:34