Поранешниот албански претседател Алфред Мојсиу во неговите совети за решавање на политичката криза, му препорачува на актуелниот претседател,Илир Мета, да не зазема страна, туку „да дебатира околу почитувањето и барањата за почитување на Уставот“.

По завршувањето на мандатот, Мојсиу ретко дава изјави за политички настани во земјата.

Во актуелниот миг кога тензиите меѓу шефот на државата Илир Мета и владејачкото мнозинство нагло се зголемија, тој одлучи да ја даде својата порака и пример за решавање на кризата.

-Претседателот на државата го претставува единството на нацијата а тоа единство не можете да го претставувате, ако заземете страна или учествувате во разни политички дебати. Претседателот одржува уставни дебати, за заштита на уставот и интересите на земјата. Се обидов да дадам пример, што го следам според искуството, изјави Моисиу.

Мојсиу, кој е доктор по воени науки, е првиот консензуален претседател на Албанија, по долги преговори меѓу поранешните лидери на социјалистите, Фатос Нано и на демократите, Сали Бериша.

Беше претседател во периодот 2002 до 2007 година. Голем пријател е на Република Северна Македонија, посебно добри односи имаше со починатиот претседател Борис Трајковски.


Администратор
16/02/2020 22:05