Поради бурата Денис во Велика Британија издадени се повеќе од 300 предупредувања од евентуални поплави ширум земјата.

Посебно е критична ситуацијата во јужниот дел на Велс, каде обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето, а надојдената вода поплави поединечни куќи.

Во Англија во сила се четири предупредувања од највисок степен и два во Велс, што значи дека постои опасност по животот на граѓаните.

И во Шкотска е издадено предупредување до граѓаните да се заштитат од „поплавите што се опасни по живот“.

Невремето предизвика и излевање на реката Таф во велшкиот град Понтипол, а опасност од излевање има и од реката Нит, во јужниот дел на Велс.

Брзината на ветерот во селото Абердарон достигна до 146 километри на час. Поради силниот ветер откажани се стотина летови, а поради поплавите во прекин е и железничкиот сообраќај.

Претходно, британските медиуми јавија дека бурата Денис вчера усмрти две лица. Едно 18-годишно момче се удавило во морето во покраината Кент, а друг паднал од бродот од резервоар за гориво во близина на пристаништето Маргејт.

Во десетина градови кои сè уште ја санираат штетата предизвикана од минатонеделното невреме Кјара, ангажирана е армијата за да ја засили одбраната од поплави.


Администратор
16/02/2020 21:56