Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави оглас за градежно санациски работи на мостот над река Пчиња кај Доброшане, познат како Искрин мост. Крајниот рок за доставување понуди е до 16 март до 11 часот за кога е закажано и јавното отворање.

Со санацијата на Искрин мост, соопшти ЈПДП, ќе се подобри безбедноста на возачите од овој регион.

Мостот е еден од најголемите мостови на државните патишта и е со вкупна осовинска должина од 355.50 метри. Регионалниот пат Р1204, пак, го поврзува Куманово со градот Свети Николе и служи како алтернативен пат на автопатот Миладиновци–Свети Николе. Со оглед на лошата состојба на мостот се утврди потребата од негова санација, велат од ЈПДП.

Градежните работи што се предвидени за санација на мостот се состојат од зафати за подобрување на употребливоста, како и продолжување на експлоатацискиот рок. Мостовската конструкција, предвидува дилатациски делници на крајот од секој распонски носач, спречување продор на вода на местоположбата на лежиштата и столбовите, подобрување на хидроизолациониот слој на целата коловозна површина. Потоа, промена на уништените тротоари, на дотраената ограда со нова еластична одбојна ограда по ЕН–стандарди (европски стандарди), како и промена на постојните лежишта со нови еластомерни лежишта итн. Проектот ги опфаќа сите потребни работи за доведување на објектот во состојба на употребливост според препораките на важечката техничка регулатива.

Предвиден рок за извршување на работите е две години од денот на воведување во работите на изведувачот.


Администратор
14/02/2020 12:06