Достоинствено, со повеќе настани, со почит пред гробното место на Гумење, со роденденска торта и многу емоции, Крушево и фановите од земјава и странство денеска го одбележаа 25 јануари, роденденот на големата македонска и балканска музичка ѕвезда и хуманистот Тоше Проески.

Тортата од семејството на Тоше и онаа од фановите од Бугарија од изутрината им се делеа на посетителите на вечното почивалиште на Тоше на Гумење.

Арена Сидоркина, Москва, Русија вторпат доаѓа во Крушево само за Тоше, за неговата музика, ангелскиот глас и за чувствата што тој ги предизвикува и 12 години по неговата смрт.

– Многу го сакам Тоше, неговите песни, хуманитарните работи. Вторпат доаѓам во Крушево поради него. Дознав за него при посета на манастир во Црна Гора кога ги слушав попат песните на Тоше, вели Сидоркина.

Наташа Кондрашова од Русија, сега „крушевска снаа” смета дека Тоше пред се, беше голем човек.

– Прво го чувствувам како човек, голем хуманист, со големо срце, а и голем музичар. Ова се моменти на огромни чувства, вели Кондрашова.

Оксана Данаилова од Благоевград, Бугарија вели дека не пропшушта да дојде на 25 јануари во Крушево за Тоше.

– За 25 јануари сум тука, во Крушево веќе петта година. И секогаш носиме торта за роденденот на Тоше. Традиционално, од фановите од Бугарија, една ја прави тортата. Годинава не можеше да дојде од Ќустендил. Тогаш, јас од Благоевград ја зедов тортата и дојдовме тука. И секогаш носиме торта за роденденот на Тоше. Македонија денес треба да има празник оти Тоше се родил и преку својата музика шири љубов не само на Балканот, затоа има фанови од Русија, од Бугарија, од другите земји. Денес ја слушнав мислата за Гоце Делчев кој го разбирал светот како културен натпревар. Тоа беше и идејата на Тоше за културно обединување и натпревар, вели Данаилова од Бугарија.

Крушевчанецот Јане Андрески, поранешен градоначалник на Крушево и добар познавач и близок на Тоше истакнува дека тој имаше посебна дарба да ги зближува и да ги сплотува луѓето.

-Тоше беше посветен на тоа што го работеше, на неговата поврзаност со Бога и со религиозните чувства. Но, мислам дека имаше посебна дарба – да ги поврзува луѓето. Тоа се случи на неговите концерти во Босна, во Сараево кога ги зближи луѓето кои претходно се гледаа преку нишанот, изјави Андрески.

Спомен куќата на Гумење беше средиште на сеќавање и повеќе настани: цртежи и лични творби за Тоше, уникатни изработки, преработки на неговите песни, традиционална крводарителска акција. Има и нов експонат, вели директорката на спомен-куќата Елена Мирчевска.

– Имаме многу настани и го одбележуваме овој ден достоинствено. Посветени се учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски-Борче” и од основното „Никола Карев”. Посебно е тоа што, според програмата од Министерството за култура, првпат ја изложивме облеката што Тоше ја носеше кога ја претставуваше Македонија на Евросонг 2004 година. Тоа е реплика. Инаку имаме околу 700 експонати и традиционално за роденденот на Тоше, ги обновуваме. А посетителите за овие осум години се преку 650.000 од кои 30 отсто од странство, посебно од балканските земји, а чести се посетителите од Русија, од Холандија, Чешка, Нов зеланд, Австралија, вели Мирчевска.

Конечно, по 12 години откако Тоше Проески трагично загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, се гради спомен-обележјето на неговото вечно почивалиште на Гумење. Од Владата се обезбедени 10 милиона денари, обележјето е симболично и треба да биде готово до јуни, нагласува претседателот на крушевскиот Совет Тома Петроски.

-Обележјето е симболично. Во основата е во форма на крст како симбол на Тошевата религиозна припадност и вербата во Бога, всушност ова е и гробно место. Инаку, однадвор впечатокот за обележјето е како две раце склопени во молитва. Според приликите, треба да биде готово до јуни, а може и порано, објаснува Петроски.


Администратор
25/01/2020 23:59