Околу 700 метри кубни смет беа собрани деновиве од дивата депонија во близина на армискиот полигон Криволак, активност за расчистување која е дел од Програмата за заштита на животната средина на Општина Неготино.

-Изведувач на работите беше фирмата Ас машини, чии работници сметот и шутот од околу 700 метри кубни од дивата депонија, го кренаа и го дислоцираа на градската депонија „Бучето“, во близина на село Дуброво. Средствата за расчистување на дивата депонија се обезбедени од буџетот на Општина Неготино, а и за тековнава година се предвидени финансии за продолжување со активностите, информираат од Службата за односи со јавноста при општината.

Од локалната самоуправа апелираат до месното население од Криволак, но и до сите граѓани на Општина Неготино, сметот и шутот да го исфрлаат само на градската депонија.

-Комуналните редари секојдневно се присутни на терен и секој што ќе биде регистриран да фрла смет и шут на несоодветни места за тоа, ќе биде казнет согласно законските прописи, нагласуваат од општинската прес служба.


Администратор
25/01/2020 14:41