Директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски и Зоран Атанасов, денеска ја посетија „Фарма Ефремови“ која е корисник на мерката „Млад земјоделец“.

Оваа домашна фарма, преку програмата за „Млад земјоделец“ склучи договор со Платежната агенција за искористување максимална поддршка до 10.000 евра за набавка на пет грла назимки, линија за транспорт од млин до силос и од силос до товилиште, линија за сточна храна, како и набавка на силос.

– „Фарма Ефремови“ со средства од мерката „Млад земјоделец“ ги обезбеди основните услови за раст и развој на бизнисот. Радува податокот дека одгледува над 40 маторици и 200 прасиња за тов, а има и околу 100 нови прасиња, истакна Бабовски.

Директорот на АХВ, Атанасов, рече дека фармата ги почитува стандардите за заштита од болеста африканска свинска чума и е во категоријата со низок ризик, односно спроведува висок степен на биосигурносни мерки. Атанасов ги повика малите фарми да ги користат поволностите кои ги нуди новиот Правилник за флексибилност.

-Со новиот Правилник малите производители може во промет да пуштат помали количини месо директно на пазарот. И оваа семејна фарма на која сме денеска може да ја искористи оваа можност и директно да пушти во промет месо од нивната фарма, напомена Атанасов.

Според корисникот на поддршката Александар Ефремов, средствата од „Млад земјоделец“ ќе овозможат зголемување и модернизација на производството.

– Со оваа финансиска поддршка ќе ми се овозможи набавка и на основна технологија, но тоа ми е и услов за набавка на друга потребна опрема за фармата и со тоа ќе ги подигнам стандардите и ќе извршам зголемување на производството, а ќе овозможам и здравствена заштита на животните, истакана Ефремов.

Со Бабовски и Атанасов беше и градоначалникот на Виница, Ивица Димитров кој оцени дека создавањето нови фарми и отворањето нови претпријатија во агросекторот економски ја јакнат општината.

-Отворањето нови фарми и земјоделски стопанства во нашиот регион ја зголемуваат локалната економија, отвораат нови работни места, а тоа позитивно се одразува и на зголемување на бруто домашниот производ, рече Димитров.

Од оваа година финансиската подршка за мерката „Млад земјоделец “ се зголемува од 10.000 на 20.000 евра по корисник.


Администратор
24/01/2020 14:55