Сајтовите на Министерството за надворешни работи на Грција, на Министерството за внатрешни работи, за економија, на грчката полиција и противпожарната служба, официјалната веб страница на грчкиот премиер, се најдоа на мета на хакерски напад извршен доцна синоќа, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас го потврди инцидентот и рече дека хакерскиот напад бил со методот DDoS и објасни дека по преземените мерки била вратена нормалната работа на веб страниците без никаква техничка последица.

-Овие напади доведоа до нефункционирање на конкретните сајтови. Веднаш беа активирани противмерки за ограничување на движењето. Нормалното функционирање беше вратено без никаква друга техничка последица, по интензивните обиди на специјализираните тимови за справување со вакви случаи, вели Пецас.

Ова е втор напад на грчки владини сајтови за помалку од една седмица, откако во петокот вечерта турските хакери „Anka Neferler“ објавија дека ги нападнале веб сајтовите на грчкиот Парламент, на Министерството за надворешни работи на Грција, на Националната разузнавачка служба на Грција, на грчката берза, како и на Министерството за финансии на Грција.

Се уште е непознато кој стои зад синоќешниот напад на грчките владини сајтови.


Администратор
24/01/2020 11:33