Речиси две третини од граѓаните сметаат дека во државата нема соодветен пристап за справување со загадувањето на воздухот, покажува последното истражување на јавното мислење што за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје.

Според резултатите од истражувањето, 62,6 проценти од граѓаните се со став дека земјава нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, а 18,1 проценти сметаат спротивно.

Споредбено со истражувањето направено во јануари минатата година, перцепцијата на граѓаните за ова прашање е влошена. Така, ако лани 26,7 проценти сметале дека земјава има соодветен пристап во справувањето со загадувањето, сега тој процент на граѓани паднал на 18,1 проценти. За сметка на тоа, зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека државата несоодветно се справува со загадувањето.

Анкетата покажа дека оценката на 78 проценти од граѓаните во Скопје е дека државата нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, а 11,4 проценти имаат спротивен став.

Најголемиот број од граѓаните или 22,9 проценти сметаат дека главнта причина за загадувањето е горењето и фрлањето на отпад, а 22 проценти како причина за загадувањето ги посочуваат фабриките и индустријата. 21 процент сметаат дека причина за загадувањето се греењето и затоплувањето, а 18,5 проценти се на став дека најмногу загадува транспортот.

Над 30 проценти од анкетираните сметаат дека годинава дишеме понеквалитетен воздух, а само 10 проценти дека квалитетот на воздухот се подобрува. Над 51 процент велат дека во споредба со лани, нема промени во квалитетот на воздухот.

Близу две третини од граѓаните сметаат дека е многу важно да се реши проблемот со загадувањето. Споредено со минатата година, податоците покажуваат дека расте свесноста кај граѓаните за влијанието на загадениот воздух врз квалитетот на живот.

Истражувањето е спроведено врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти


Администратор
19/01/2020 23:36