Вкупно 74.260 домашни миленици се микрочипирани заклучно со 31 декември 2019 година. Од нив, 71.076 се кучиња, 3.183 се мачки, а има и една ласица.

За да го намали бројот на бездомни кучиња, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на општините ќе им ги донира микрочиповите за милениците што останаа од бесплатната акција чиј рок беше пролонгиран и заврши на 31 декември. АХВ воедно ја разгледува и можноста, покрај микрочиповите, да подели и ваучери.

Како што соопшти директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов, ќе се настојува да се зголеми и соработката со здруженијата за заштита на животните, особено во делот на стерилизацијата/кастрацијата на бездомните кучиња.

-Стерилизацијата/кастрацијата е предложена со измените во Законот за благосостојба на животните кој моментно е во собраниска процедура. Законот предвидува и зголемување на ингеренциите на комуналните инспектори со што би се интензивирале контролите во однос на одговорното сопствеништво, објасни Атанасов.

Додаде и дека со законските измени се предлага забрана за продажба на миленици на малолетни лица.

Според директорот на АХВ, проблемот со бездомните кучиња е децениски и не може да се реши за две – три години.

Лани првпат беше изречена парична казна од 500 евра за напуштање миленик.

Акцијата за бесплатно микрочипирање на милениците почна во септември 2018 година. Требаше да заврши на 31 март 2019, но се пролонгира до 31 декември 2019. Од 1 април, кога стартуваше продолжениот рок, аплицирањето на микрочиповите почна да се наплаќа по 200 денари.


Администратор
14/01/2020 14:58