Децата и возрасни од Куманово од денеска ќе можат да добијат помош за сите видови патологии на вербалната комуникација во дисперзираната логопедска амбуланта која е сметстена во Здравствениот дом во Куманово, а функционира во рамки на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас од Скопје. Со отворањето на амбулантата, пациентите веќе нема да мора да патуваат за Скопје и да одвојуваат дополнителни средства, туку ќе добијат соодветна помош од стручно лице, логопед, во амбулантата во која има и соодветна опрема.

-Конечно, кумановци добиваат соодветна здравствена заштита во делот на пореметувањето на говорот и вербалната комуникација. Долги години родителите бараа отварање на ваква здравствена дејност во градот, рече на денешното отворање на амбулантата државниот секретар во Министерството за здравство д-р Владимир Милошев.

Директорката на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Силвана Филипова, вели дека отворањето на оваа амбуланта е резултат на долгогодишните барања на кумановци за отварање на логопедска амбуланта.

-Родителите на децата со говорни нарушувања веќе подолго време апелираа и доставуваа барања за отварање на ваква амбуланта и еве денеска успеавме да ја реализираме нивната желба. Нашите искуства покажуваат дека рехабилитацискиот третман покажуваат најдобри резултати ако се извршува во местото на живеење и отткуа нашата установа во програмата за работа има за цел отварање на вакви дисперзирани амбуланти во други општини, изјави Филипова.

Логопедот Ана Орозовиќ Aлексиќ најави дека ќе со отворањето на оваа амбуланта ќе им се помогне на децата и на сите возрасни категории со различни оштетувања во вербалната комуникација.

-Секоја година има се повеќе пациенти не само во Куманово, туку и во државата. Отворањето е голем чекор за нас, изјави Орозовиќ Алексиќ.

Амбулантата е сместена во поранешен Уред, реновирана е и во центарот на градот со што ќе се олесни пристапноста за пациентите.


Администратор
14/01/2020 14:37