Со седум гласа „за“ собраниската Комисијата за одбрана и безбедност на денешната седница го прифати Предлог-законот за изменување на Законот за јавни собири, чија цел е усогласување на овој Закон со Законот за прекршоци во сферата на изрекување на глобата.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска образложувајќи го Предлог-законот појасни дека измените што треба Парламентот да ги усвои значат намалување на износот на глобите за физичките лица и усогласување на глобите за правните и одговорните лица во правните лица (мали, микро, средни и макро трговци) кои нема да ги почитуваат одредбите на Законот што се однесуваат на организирање на јавните собири.

Следно, појасни Несторовска, е укинување на членот кој е поврзан со издавањето на платниот налог, затоа што, како што наведе, повеќе платен налог нема да се издава. Истовремено, со предложениот закон ќе се врши интервенција во однос на името на државата со цел имплементација на Уставните амандмани XXXIII – XXXVI и Уставниот закон за спроведување на Уставните амандмани.

Овој Предлог-закон не предизвикува финансиски импликации врз Буџетот на државата.


Администратор
14/01/2020 13:12