Стопанската комора на Македонија бара во општинските комисии што ги подготвуваат конкурсите за уписи во средните училишта да има претставник и од бизнис заедницата, а не само од Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Целта е да се обезбеди стручен кадар согласно со потребите на биснисот.

Од Комората денеска оценија дека и покрај нивните постојани апели МОН води погрешна стратегија во уписната политика којашто не ги следи потребите на пазарот на труд. Најбараните квалификации се со најмал процент на застапеност во конкурсите на стручните училишта. Иако на стопанството му се потребни, текстилните работници веќе ги нема и се обезбедуваат многу малку преку стручните училишта. Слична е состојбата и со останатите струки, месопреработувачи, браварите, водоинсталаторите, машински техничари,… На сметка на тоа и натаму е во пораст бројот на гимназиските паралелки и стручните училишта со се бовеќе медицински сестри, економски и правни техничари.

– Конкурсите за уписи во средните училишта секоја година се исти, постојано се повторуваат, се зголемуваат гиманизиските паралелки на сметка на стручните кои се јадрото за економски стабилно општество, рече на прес-конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Процесот на подготовка на конкурсот во средните училишта има определена процедура со која се бараат анализи од општините за потребите на квалификации на локално ниво, а комисија составена специјално за таа намана го изработува конкурсот за упис на ученици во средните училишта. – Составот на комисиите е различен, но претежно преовладуваат претставници од МОН, ДПИ и ЗЕЛС, но немаме ниту еден претставник од бизнис заедницата кој може директно да ги искаже своите барања и да се направи правилча уписна политика според потребите на бизнис заедницата, наведе Јаневска, истакнувајќи дека пред да биде одобрен конкурсот од министерот, тој треба задолжително да биде доставен до Стопанската комора за да даде соодветно мислење.

Поради тоа што нема претставник од Стопанската комора, истакна, се повторува ист конкурс од претходните години. Таков случај имало во Општина Велес каде иако побарале одредени квалификации на сметка на други, бил објавен ист конкурс од минатата година.

Јаневска посочи дека во месната индустрија иако има висока плата од околу 30.000 денари за вработување веднаш по завршување на училипште, нема ученици кои ќе се запишат таму.

-Кога би имале лимитирана уписна политика за навистина потребните квалификации бидејќи од таму почнува целиот процес сликата би била сосема поинаква, смета Јаневска.

Како што информира Жарко Ангеловски, претставник на компанијата Есктра меин, недостасуваат месопребаотувачи, особено за работа со свежо месо, како што се колачи на говеда и касапи.

Податоците на комората покажуваат дека од вкупно запишаните ученици во стручните училишта, 24 проценти се во здравствената струка, 22 процента во економската, трговската и правната струка, а само 8,1 процент во градежништво и геодезија, 4,5 проценти угостителство и туризам, 3 проценти во земјоделство и ветеринарство, само процент во секторот хемија и технологија за квалификацијата прехранбен техничар. Таква е состојбата и во секторите биологија, рударство и металургија, а мал е процентот на запишани ученици во секторот текстил, кожа и други производи.


Администратор
13/01/2020 15:46