Ќе ја бојкотираме наставата се додека не ни се овозможат нормални услови, вака почнува да раскажува студентка од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Сака да остане анонимна, но одлучи да не ја премолчи ситуацијата. Имено студентите на овој, на Факултетот за ликовна уметност и Институтот за безбедност веќе две недели одат на факултет со дебели јакни, капи и шалови оти немаат греење , како што велат од почетокот на грејната сезона. А некои од професорите од дома си носеле греалки за да ги оддржат предавањата.

-Од почетокот на грејната сезона немаме парно, па не одиме на факултет. Ние студентите ја бојкотираме наставата, ама и самите професори секако не можат да држат настава во вакви услови. Претходно присуствувавме на предавањата, сите облечени со јакни, со шалови и ракавици на себе, бидејќи е многу студено. Поради ова, решивме да објавиме бојкот, вели студентка на Педагошкиот факултет, што сакаше да остане анонимна.

Дел од професорите нод дома си земаат греалки за да одржат предавања, велат студентите.

Деканот на Педагошкиот факултет, Емил Сулејмани, во изјава за Алфа, вели оти откажала топлинската пумпа, поради што наставата и вежбите се одвивале во ладни простории, без соодветно греење.

-Кон крајот на октомври откажа една од главните пумпи што ја дистрибуира водата до радијаторите, на Педагошкиот факултет и на целата зграда, вклучувајќи го и факултетот за Ликовна уметност. Секако, просториите без греење се студени, вели деканот.

Сулејмани појаснува оти не можеле предвреме да знаат дека ќе откаже пумпата за да набават нова. А се додека не се финишира отворената тендерска постапка греење ќе има, уверува деканот, бидејќи БЕК им позајмила привремена пумпа која ќе овозможи греење на амфитеатрите.


Администратор
13/12/2019 01:21