Најпознатиот академски сликар од Тетово, Павле Кузмановски вечерва во Уметничката галерија претстави дел од деценискиот опус по повод неговиот 80-ти роденден.

Кузмановски пред многубројната публика порача дека му е мило што трет пат изложува во Уметничката галерија. Неговата прва изложба била во 1967 година кога стариот турски амам бил уреден во уметничка галерија.

-Ова е мојата трета изложба тука. На отворањето и промовирањето на Уметничката галерија во 1967 беше мојата прва изложба тука. Втората ми беше во 2007 година по повод 40 години занимавање со техниката цртеж. Ваква изложба планирам и во Скопје каде има доволно голем простор за изложба со над 150 слики во Чифте Амам, истакна Кузмановски.

Писателот Јован Дамјановски посочи дека оваа изложба во минијатурни рамки е мал дел од големото творештво на Павле Кузмановски.

-Извлечена како срж на неговото ликовно создавање, претставување на чудесна слика на реалниот живот. Со сликите длабоко ја чувствува пролетта која е младост на годината,но во неговите сведоците се открива застрашувачкиот изглед на староста. Основни тематски преопокупации се портрет, мртвата природа, актот на женско тело и пејсажот во различни варијации. За нас неговите обожаватели и почитувачи секоја слика е непосреден допир со пламенче од секое кандилце на човековата душа, истакна Дамјановски.

Академскиот сликар Павле Кузмановски е роден 1939 во Тетово. Во 1959 г. завршил школа за применета уметност – Скопје. Во 1966 г. дипломирал на Академијата за применети уметности – Белград. До сега приредил 50-тина самостојни ликовни изложби, а учествувал на преку 250 колективни ликовни изложби во земјата и во странство. Добитник е на значајни награди за сликарство.


Администратор
12/12/2019 22:05