Во пелагонискиот регион се зголемува бројот на жени носители на земјоделско стопанство, покажа истражувањето на ЗЕЗ „Зелена берза“-Битола кое се одржа во рамки на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“.

Според компаративните податоци на ЗЕЗ „Зелена берза“-Битола, во 2013 година во пелагонискиот регион биле регистрирани 2.413 жени носители на индивидуално земјоделско стопанство, додека на крајот од 2016 година се регистрирани се 3.403 со што бројот се зголемил за 990 и е значителено поголем наспроти другите региони во државата.

– Истражувањето почна минатиот месец и се користат обработени податоци за општините од пелагонискиот регион со избрани населени места, односно Општина Новаци со селата Новаци, Рибарци, Долно Агларци и Добромири, потоа Општина Могила со селата Чарлија, Будаково и Добрушево, а меѓу 350 испитаници има и жители од општините Кривогаштани и Крушево, како и битолските села Буково и Бистрица. Целта на проектот е да се придонесе за надминување на стереотипите што се однесуваат на дискриминација на жените и, да се издигнe жената на ниво на успешен претприемач. Веруваме дека со континуирана анализа на теренот и со истражувања можеме да ја намалиме дискриминацијата на жените во руралните средини, појасни Валентина Соколовска, претседателка на ЗЕЗ „Зелена берза“-Битола.

Испитаниците од двата пола одговараа на прашања поврзани со жената и здравственото и пензиското осигурување, вклученоста на жените во културниот живот во заедницата, можностите на жените како претприемачи, можностите за едукација, вложениот трудот на жената и соодветниот надоместок, а одговор беше нуден и на прашањето дали жените се дискриминирани во однос на мажите.

Според истражувачките резултати на „Зелена берза“-Битола во микро средини од пелагонискиот регион не се надминати традиционалните семејни предрасуди каде и понатаму се среќаваат состојби на потчинетост на жената во однос на мажот, „негување“ на семејна хиерархија и други забелешки.

Проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“ на ЗЕЗ „Зелена берза“-Битола е во тек, ќе заврши во 2020 година и се реализира со поддршка на Фондација отворено општество Македонија.


Администратор
12/12/2019 17:52