Првото прикажување на претставата “Хумана приказна” дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“ по премиерата во Скопје ќе се одржи во сабота, 14 декември, во Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Претставата е во режија на Бесфорт Идризи, автор е Кaтерина Момева, а продукцијата е на “Онлимит Медиа”, во партнерство со Народниот правобранител.

-Оваа претстава даде позитивен импулс во информирањето на граѓаните за надлежностите на Народниот правобранител, Омбудсманот, како и ситуациите при кои тие можат да му се обратат за помош, поддршка или правно советување. Претставата е инспирирана од самите извештаи на Народниот правобранител сликовито објаснувајќи ги потешкотиите на граѓаните и начинот на кој оваа институција работи на системско разрешување на тие предизвици поддршката која ја нуди на засегнатите странки. Оттаму и иницијативата “Мој Омбудсман” која има цел да ја приближи институцијата до граѓаните на кои им е најмногу потребна, на интерактивен и отворен начин, а ние како Центар за култура ја прифативме понудата истата да се прикаже пред нашата публика, веднаш по премиерата во МКЦ, кино “Фросина”, изјави директорката на НУЦК Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.

Караванот претстави ќе се реализира низ неколку градови во државата, викендов по Крива Паланка во сабота, во недела,15 декември, ќе биде прикажана во Битола.

По завршување на претставите, граѓаните ќе имаат можност за отворена дискусија со претставник од канцеларијата на Народниот правобранител.


Администратор
12/12/2019 13:30