Банката за храна, која од пред извесно време функционира во Кавадарци, најави нова хумана акција за Новогодишните празници.

Роберт Паризов, претставник од Банката за храна информира дека се организираат активности за донирање на прехранбени артикли од хумани субјекти, кои потоа се распределуваат на социјално загрозени семејства. Тој нагласи дека имаат соработка со Центарот за социјални работи, градоначалникот Митко Јанчев, општинските институции, бизнис секторот и правни и физички лица, помагатели на Банката.

– Нашата мисија е секој месец да обезбедиме пакети со храна, пијалоци и хигиенски производи за семејствата со најголем социјален ризик. Многу е важно овој месец да собереме повеќе продукти во пресрет на Нова Година и Божиќ, затоа што секое семејство треба да ги почувствува новогодишните празнувања. Корпи за донирање храна имаме поставено во маркетите „Минекс“, „Дијана”, „ТД-ТД”, „КАМ”. Апелираме исто така да ни се јават сите оператори со храна, кои имаат вишок храна и сакаат да донираат, додаде Паризов.

Филијалата во Кавадарци е дел од големото семејство на националната Банка за храна во државата, која пак е членка на Федерацијата на банки за храна надвор од нашите граници.

– Ние го спроведуваме и проектот „Помалку гладни, повеќе среќни”, проект од Европската Унија, преку ВСС ефект-Банка за храна во нашата држава. Банката за храна Кавадарци се бори против фрлањето на храна, што значи одговорност во консумирањето и однесувањето со неа, рече Паризов.


Администратор
08/12/2019 10:20