Деца од Грција ќе бидат првите посетители во дворот од куќата на Дедо Мраз во Кавадарци, која традиционално веќе 22 години е масовно посетена од најмлади од земјава и странство. Кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, вели дека неговата мисија е да ги усреќува децата.

-Пред повеќе од две децении одлучив да направам нешто со што ќе предизвикам задоволство и насмевка кај помладите. Секоја година за време на новогодишните празници, го украсувам мојот двор со безброј украси и облечен во облека на Дедо Мраз, ги пречекувам младите посетители и им подарувам новогодишни пакетчиња, потсети Вареловски.

Минатата година во најпознатиот двор во Тиквешко и пошироко, уживаа околу 1.500 дечиња, годинава се очекуваат околу 3.500. Возрасните од други места, за подарок добиваат шише домашна тиквешка ж`та.

Посетата на кавадаречкиот Дедо Мраз годинава започнува на 21 декември и трае до крајот на јануари. За Бадник, кавадаречкиот Дедо Мраз традиционално посетува по неколку социјално загрозени семејства и им донира прехранбени артикли.

Вареловски кој работи како мајстор градежник, сам ги обезбедува подароците, а понекогаш во тоа му помагаат хумани граѓани и компании. Тој додава дека би било добро ако и годинава се најде некој што ќе му помогне, бидејќи тоа ќе значи дека повеќе деца ќе бидат дел од празничната магија во неговиот двор.


Администратор
08/12/2019 01:17