Студентите од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” од Охрид изразија спротивставување на покренатите иницијативи за транформација на високообразовната установа.

Осуммина пратеници до Собранието доставија предлог-закон за измена и трансформација на Универзитетот за информатички науки и технологии во, како што појаснуваат, високообразовна установа што ќе креира навистина обучен и квалитетен кадар. Тие уверуваат дека намерата е УИНТ да биде ставен во законска рамка и целосно поставување на здрави темели, а притоа задржување на сите студиски програми. Целта е Универзитетот да го зголеми капацитетот и квалитетот, со надградување на наставниот процес и негово афирмирање и етаблирање во академскиот свет.

Студентите сметаат дека со измените ќе бидат деградирани нивните дипломи и губење на статусот инженери по информатички науки. Тие со петиција испратена до Собранието, до Владата, ресорното МОН како и координаторите на пратеничките групи во Парламентот, го изразија своето незадоволство од предлог-законот за измени и дополнувања на Универзитетот.

Дел од нив вчера имаа средба со пратениците од Охрид, Жаклина Лазаревска и Рубин Земон, а дел од студентите одржаа и протестен собир пред образовната установа. Тие ја изразија својата разочараност од, како што рекоа, во иднина да бидат дел од образовна установа што не е нивен избор на студии.

– Целта е да се отфрли таквото барање. Овој предлог закон најмногу не засега нас запишаните студенти кои сме моментално повеќе од 400. Доколку се потребни реформи во институцијата, бараме најмалку што може барем и ние да бидеме вклучени во процесот. Проблемот е што ние го губиме звањето компјутерски инженер, изјави Наумче Јончески, студент од четврта година на УИНТ „Св. Апостол Павле”.

За пратеникот Земон, Универзитетот „Св. Апостол Павле” работи незаконски, со недоволен број предавачи односно несоодветен кадар за високообразовна установа и оттаму неопходноста на негово трансформирање согласно Законот за високо образование и севкупната позитивна регулатива.

-Законите ќе мора да се спроведат и во Универзитетот „Св. Апостол Павле” во Охрид, а пред се таму мора да предаваат доволен број професори – доктори на науки. Дипломите стекнати од квази-професори и предавачи – асистенти се невалидни, рече Земон, оценувајќи дека зад протестите на студентите стои група составена од лица што сакаат да ги задржат бенефитите што ги уживаат на Универзитетот.

Земон уверува дека студентите намерно се доведуваат во заблуда, дека реорганизацијата на установата е со цел да се добие квалитет, истовремено водејќи сметка да нема какви било негативни последици по самите студенти.


Администратор
08/12/2019 01:17