Новата стихозбирка на Љупка Антеска насловена „Отвори ги очите“ беше промовирана вечерва пред љубителите на пишаниот збор во Гостивар. Во третата книга на поетесата на седумдесетина страници се поместени стихови во три циклуси: „Поезијо, остави ме“, „Љубов потпрена на патерици“ и „(Мо)ментални (за)белешки“.

На промоцијата во „Центарот за млади и заедницата“ беа прочитани повеќе песни за кои промоторите Снежена Стојчевска и Цветанка Колева ги издвоија како највпечатливи.

За новото дело, авторката вели дека се работи за песни кои се гласни и храбри, а допираат теми како: отуѓеноста на човекот, парадоксите на модерното време, моќта на поезијата, болните загуби, но и малите радости во нашите животи, љубовта.

Поетички профил на Љупка Антеска ми се чини: читлив, исповедан, актуелен, атореференцијален и духовит. „Отвори ги очите“ е книга пожелна за читање, затоа што знае да ја одмери метафоричноста и асоцијативноста на исказот, кои одат по границите на алузивноста во еден контекст кој е доволно достапен и отворен за да се согледа и дискретниот предмет на алузиите и асоцијациите, вели во освртот за книгата, академик Катица Ќулавкова, македонски критичар, есеист, поет, раскажувач.

Книгата е во издание на Здружението за култура Слово 21. Антеска живее во Гостивар и е новинар. Автор е на стихозбирките: „Денодение“ (2012) и „Лек за времето“(2015).


Администратор
07/12/2019 00:47