Музејот на современата уметност вечер од 20 часот ќе ја отвори изложбата „Пејзажи на совеста“ која ги истражува врските меѓу материјалното, технолошкото, индустриското и културното загадување. Ќе бидат изложени 11 фотографии и осум видеоинсталации, како и четири филмски уметнички дела кои ќе бидат прикажани од утре до 10 декември од 18 часот.

„Пејзажи на совеста“ ќе претстави дела на 12 уметници: Мила Паниќ, Карлос Касас, Урсула Биман, Арјуна Нојман и Дениз Фереира да Силва, Јунес Бен Слимане, Патрик Содерлунд, Ругил Барзџукаите, Хироацо Сузуки и Росана Торес, Тамер Хасан и Арманд Јервант Туфенкиан. Ќе понуди и разговори со двајца од авторите: Мила Паниќ (БиХ / Германија) и Карлос Касас (Шпанија).

Изложбата е дел од програмата на филм и видео на МСУ и се реализира во соработка со фестивалот „Право људски Филм“ од Сараево. Кураторкa на изложбата e Кумјана Новакова, во соработка со Диого Переира.

-„Пејзажи на совеста“ во фокусот ја става потребата за поголема политичка, сеизмичка промена, гледајќи го светот како вмрежан екосистем составен од различнo-конфигурирани, историско-динамични контакт зони наместо како збир од различни, одвоени екосистеми, соопшти МСУ. Изложбата ќе може да се посети до 10 декември.


Администратор
06/12/2019 08:55