Националната опера и балет соопшти дека со сценската кантата „Кармина бурана“ од Карл Орф, со која завчера гостуваше во Сараево во салата „Мирза Делибашиќ“ во склоп на спортско-културниот центар „Скендерија“, го урнала рекордот за посетеност на еден музичко-сценски настан. Од 1971, па до сега, тој рекорд му припаѓал на Кинескиот државен балет, кој таа година таму трипати ја извел претставата „Црвениот женски одред“.

– Историски рекорд во поглед на фасцинантната посетеност. Со повеќе од 200 уметници на сцената, пред полната „Скендерија“ и воодушевените 6.000 посетители, меѓу кои и целиот дипломатски кор акредитиран во Сараево, нашиот настап најавуван од домаќините како мегаспектакл, навистина се случи. Настапот почна со увертира од операта „Кармен“ во изведба на нашиот оркестар и таа енергична музика на Жорж Бизе им даде невиден импулс на сите останати уметници. Следуваше „Кармина бурана“ во која учествува огромен број изведувачки ансамбл: оперски и балетски солисти, оркестар, хор и балетски ансамбл. Под диригентската палка на домашниот диригент Емир Нухановиќ, кој таа вечер прославуваше 35 години уметничка работа, нашите уметници се надминаа себеси. Публиката не знаеше кого попрво да награди со громогласниот аплауз. На крајот за бис беше повторен делот „О Фортуна“ од „Кармина бурана“, соопшти денеска НОБ за гостувањето во Сараево во саботата.

Диригентот Нухановиќ им доделил благодарници на своите професори и соработници, меѓу кои го спомнал и нашиот диригент, проф. Фимчо Муратовски. На директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов му е доделено Специјално признание за исклучителен придонес во меѓународната соработка од областа на музичката уметност, а тој, исто така, за успешната соработка му доделил благодарница на маестро Нухановиќ.

Покрај оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл, во Сараево настапија и оперските солисти Наде Талевска, Дејан Стоев и Андреа Ѕаупа од Италија, како и балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ.


Администратор
02/12/2019 18:28