Учениците од деветто одделение од целата земја кои сакаат да го продолжат образованието во гимназијата „Нова“ во Скопје, од денеска се до 12 декември ќе може да аплицираат за стипендијата „Борис Трајковски“ за школување во оваа образовна институција.

Овој конкурс се организира по 16 пат, а ќе бидат доделени три целосни стипендии, како и финансиска помош за најмногу до 10 ученици, со кои ќе бидат покриени од 10 до 50 отсто од трошоците за школување.

– Сите заинтересирани ученици ќе може да се пријавуваат со пополнување на електронската апликација која е достапна на веб-страницата на „Нова“ www.nova.edu.mk. Единствениот предуслов е апликантот да има одличен успех од седмо до деветто одделение. На 14 декември во просториите на гимназијата ќе биде организиран првиот круг на тестирање – пишување на состав на дадена тема, соопштуваат од меѓународната гимназија „Нова“.

Резултатите ќе бидат објавени на 19 декември на огласната табла во гимназијата и на нивната веб-страница. Во следната фаза ќе преминат 25 кандидати, а датумот и информациите за вториот круг на тестирањето ќе бидат дополнително објавени.

– Стипендиите ги доделуваме во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ со коja веќе со години наназад имаме прекрасна соработка. Доказ за успешноста на оваа иницијатива е фактот дека интересот кај учениците од година во година сè повеќе расте. Учениците кои ќе ги добијат целосните стипендии ќе бидат избрани врз основа на вкупниот број на поени добиени во двата круга на тестирање. Ние како институција сме исклучително горди дека голем број на млади луѓе ја имаат добиено оваа стипендија и имаат постигнато одлични резултати кои воедно ги имаат однесено на водечките факултети во САД и во Европа, посочуваат од менаџментот на гимназијата „Нова“.

Оваа програма почнала во 2005 година и досега ја завршиле 11 успешни генерации на матуранти. Дополнителни информации за процесот на аплицирање и за конкурсот може да се најдат на следниот линк http://www.nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx .


Администратор
25/11/2019 12:02